Законска регулатива
Што се јавните набавки?
Јавните набавки претставуваат процес на користење јавни средства од страна на
одреден јавен орган, заради добивање надворешни ресурси, најчесто од
комерцијални понудувачи. Со цел да се регулира ваквиот процес, а како дел од
реформата на јавниот сектор и во однос на нашето идно членство во ЕУ, Македонија
усвои модерен Закон за јавни набавки, кој беше објавен во Службен весник на РМ,
19/2004, како и измени и дополнувања на Законот за јавни набавки објавени во
Службен весник на РМ, 109/2005.
Законот за јавни набавки ги уредува сите главни аспекти на активностите за
набавки на владините и јавните органи, и им обезбедува механизми со кои им се
овозможува остварување на најдобрата вредност за вложените пари при набавка на
стоки, услуги и работи. Тој ги дефинира главните методи на јавните набавки и
фазите при нивна примена.
Законот за јавни набавки е дополнет со низа поврзани подзаконски акти (објавени
во Службен весник на РМ), со кои на подетален начин се дефинираат фазите на
процесот на набавки; Методологија за евалуирање на квалитативни критериуми, план
за набавки, регистер на набавки, јавно отворање на понуди, документи за бонитет,
назначување експерти, проценување на вредноста на набавката, обврзни елементи на
тендерската документација, набавки од мала вредност и стандардни обрасци што ќе
се користат.
Сите горенаведени документи, вклучувајќи и придружни материјали, како на пример
модел договор, информации за одлуките на Комисијата за жалби и стандардна
тендерска документација, може да се преземаат од веб-страницата на Бирото за
јавни набавки.
Основни принципи кај јавните набавки
Според правната и административна рамка за јавни набавки во согласност со
општото законодавство на ЕУ, како и во согласност со државните прописи во
Македонија, одлуките кај набавките секогаш треба да се спроведуваат според
следните принципи:
Принцип на недискриминација, според кој набавувачот не смее да врши
дискриминација во поглед на државјанството на понудувачот или земјата на потекло
на стоката.
Принцип на еднаков третман, кој е тесно поврзан со недискриминација, а
попрецизно одредува дека сите добавувачи се третираат на ист начин, при што сите
треба да ги добијат истите информации и во исто време, а со нив треба да се
постапува правично, чесно и непристрасно, заради избегнување на конфликти на
интерес и коруцпија.
Принцип на транспарентност, според кој процесот на набавки мора да се
карактеризира со принципите на предвидливост и отвореност, преку примена на
транспарентност на правилата, можностите, постапките, евиденцијата и
резултатите.
Целта на овие принципи е зголемување на ефикасноста и правичноста, заради
добивање најдобра вредност за ограничените јавни средства, со контролирање на
трошоците во процесот на набавки, како за администрацијата, така и за
понудувачите.
Други важни принципи се непристрасност на службениците кои ги спроведуваат
јавните набавки, како и нивната одговорност за своите одлуки и дејства; строго
чување на доверливоста на печатените информации и на понудувачите, бидејќи нивно
обелоденување ќе го попречи правото на понудувачите да ги заштитат своите права
на интелектуална сопственост или своите комерцијални тајни.
1. Фаза на планирање
Фазата на планирање започнува веднаш бидејќи процесот на планирање е клучен за
успехот на тендерот. Колку подобро е планирана набавката, толку полесен и
поефикасен ќе биде целокупниот процес. Фазата на планирање се концентрира на
следните главни чекори:
Дефинирање и анализа на потребата: евалуацијата на секој јавен расход е еден од
клучните инструменти на модерното управување со јавни финансии и вообичаено
претставува законска постапка од аспект на внатрешната финансиска ревизија. Во
оваа фаза се дава одговор на прашањата од типот: потребата од дадената опрема,
нејзиното значење во однос на трошокот од истата, решението кое е најсоодветно
на потребите и сл. Врз основа на ова се разработува планирањето и стратегијата
за јавни набавки.
Обезбедувањето финансиски средства е услов во процесот на јавни набавки во
Македонија. Постапката за набавка може да започне само ако се испланирани
односно обезбедени средства.
Изработениот годишен план за набавки, субјектот го доставува до Бирото за јавни
набавки. Планот може да се објави и на веб-страницата на набавувачот со цел да
поттикне поголема конкуренција. Исто така треба да се објавуваат и индикативните
известувања за главните набавки. Образецот на планот за јавна набавка е пропишан
со подзаконски акт.
2. Одлука за јавна набавка
Пред да се преземе било какво експлицитно дејство, набавувачот треба да ги
разбере потребните чекори, кои се неопходни за започнување на процес на јавна
набавка. Одлуката за јавна набавка треба да изразува каква функција, предмет или
изведба треба да се исполнат со купување на одредените стоки, услуги или работи
кои се во прашање.
Ваквото објаснување е основа за изготвување поконкретни критериуми. Меѓутоа,
објаснувањето на потенцијалните понудувачи исто така ќе им овозможи да утврдат
дали договорот за набавка е соодветен за нивно доставување на понуда.
Она што треба да се подготви е и проценка на вредноста на набавката, вообичаено
врз основа на информациите кои потекнуваат од анализа на пазарот. Ова
претставува мошне важен дел, бидејќи служи како основа за донесување одлука за
постапката и нејзините придружни елементи.
Овие чекори се главни за одлучување за постапката на јавна набавка, за избор на
една од постојните постапки или за разбирање на набавките со мала вредност
(според законот тоа се набавки чија проценета вредност не надминува 3000 евра во
денарска противвредност). Најчестата одлука е изборот помеѓу отворен и ограничен
повик.
Исто така, неопходна е тендерска документација со висок квалитет со цел да се
постигне подобра вредност за вложените пари. Таа претставува основа за
информирање на потенцијалните понудувачи за потребите и условите на тендерот, а
се подготвува на начин што ќе им овозможи на понудувачите да поднесат понуди. Со
цел да им се помогне на набавувачите, достапна е стандардна тендерска
документација.
3. Покана за поднесување понуда
Примарната цел на објавување на оглас за јавна набавка е да се зголеми
конкуренцијата кај набавките што ќе овозможи подобрување на нивниот квалитет.
Неопходно е да се следат главните правила:
Огласот задолжително се објавува во Службениот весник на РМ и на веб-страницата
на Бирото за јавни набавки. Набавувачот може огласот да го објави и во некој од
дневните весници, ако смета дека со тоа ќе се подобри конкуренцијата. Во случај
на меѓународен тендер, огласот треба да се објави и во меѓународните медиуми.
Содржината на огласот, роковите и другите аспекти на поканување понудувачи се
пропишани со законот и со подзаконските акти.
Набавувачот на сите понудувачи кои побарале им доставува тендерска
документација, и тоа во рок од три дена од поднесувањето на барањето од страна
на понудувачите. Информациите во документацијата мора да се идентични со
информациите од огласот. Надоместокот за подигање тендерска документација ги
покрива само трошоците што набавувачот ги имал за подготовка на документацијата.
Понудувачите можат да постават прашања во одредени временски рокови. Одговорите
на таквите прашања мора да се испратат до сите понудувачи. Ако има измени или
дополнувања на тендерската документација, набавувачот мора веднаш да ги достави
до сите понудувачи кои претходно ја подигнале тендерската документација, без
притоа да им наплати надоместок. Ако е потребно, роковите за поднесување понуди
можат да се продолжат во случај на такви дополнувања.
4. Поднесување понуди
Со поднесувањето понуди на набавувачот му се нуди добавување стоки, извршување
услуги или изведување работи. Главните принципи на оваа фаза се следните:
Понудувачот треба да подготви целосна понуда врз основа на оригиналната
тендерска документација. Понудувачот мора да ги употреби обрасците дадени во
тендерската документација, односно да ги пополни без каква било модификација.
Понудата мора да ја нуди крајната цена која не може да биде изменета подоцна во
текот на постапката на потпишување и извршување на договорот, освен во
специфични случаи уредени со законот.
Понуди можат да поднесат само понудувачи кои побарале тендерска документација и
за неа го платиле надоместокот. Понудувачите ја доставуваат оригиналната понуда
во затворен коверт. Ковертот мора да биде соодветно адресиран и треба да ги
содржи сите информации во врска со огласот како и бројот на понудата, бројот и
датумот на издавање заедно со ознаката „не отворај” во горниот лев агол, со што
ќе се оневозможи отворање на понудите пред наведеното време и датум за отворање
на понудите.
Понуда која пристигнала по истек на крајниот рок за поднесување понуди се
прогласува за задоцнета и се отфрла.
Набавувачот е одговорен за соодветно архивирање на добиените понуди. Тој е
овластен да ги исклучи понудувачите доколку има веродостоен доказ дека тие се
обиделе да влијаат врз понатамошниот тек на постапката за јавна набавка.
5. Отворање на понудите
Постапките поврзани со отворање на понудите се едни од најважните инструменти за
постигнување поголема транспарентност на процесите за јавни набавки. Отворањето
понуди е јавно и започнува на место и време наведени во огласот, но не подоцна
од еден час од истекување на рокот за поднесување понуди. Претставници на
понудувачите можат но не мораат да учествуваат во процесот на јавно отворање на
понудите. Главните приницпи на оваа фаза се следните:
Пред отворање на понудата, петседателот на комисијата за јавни набавки проверува
дали ковертите се оштетени или отворени, и го наведува вкупниот број на добиени
понуди.
Комисијата проверува дали е поднесен доволен број понуди, а преоѓа на читање на
понудите доколку најмалку двајца понудувачи поднеле комплетна документација.
При читање на понудите, мора јавно да се прочитаат името на понудувачот, цената
и валутата на понудата, можните попусти и евентуалните ограничувања и понудените
гаранции. Ваквото јавно читање оневозможува подоцнежни измени и манипулации.
Комисијата за јавни набавки води записник од средбата за отворање на понудите.
Записникот го потпишуваат сите членови на Комисијата за јавни набавки, а
примерок се испраќа до сите понудувачи на нивно барање.
6. Евалуација и оценка на понудите
Евалуацијата и оценувањето на понудите се клучни за процесот на јавни набавки.
Мора да се спречи секаков конфликт на интереси. Главните чекори кон евалуацијата
и оценувањето на понудите се следните:
Критериумите и методот за избор на најповолен понудувач се оние кои се претходно
објавени во тендерската документација, а понудувачот не смее да ги менува во
текот на постапката. За рангирање на понудите може да се користат два критериума
– само најниска цена, или економски најповолна понуда.
Како прв чекор, се проверува целокупноста и валидноста на доставените документи,
во согласност со критериумите наведени во тендерската документација.
Понудувачите кои доставиле нецелосна и невалидна документација се исклучуваат од
постапката и за тоа истите се информираат, а нивните понуди не се разгледуваат.
По проверката, комисијата ги оценува понудите и подготвува предлог за избор на
најповолен понудувач, доколку биле добиени најмалку две прифатливи понуди.
Одлуката за избор на најповолна понуда Комисијата за јавни набавки ја доставува
до одговорното лице на набавувачот. Откако одлуката ќе се одобри, таа се
доставува до сите понудувачи. Набавувачот, веднаш по изборот на најповолен
понудувач, секој отфрлен понудувач или кандидат го информира за причините за
неизбор на неговата понуда, како и за најповолната понуда.
7. Склучување на договор
Склучувањето на договор треба да биде едноставно продолжување на претходните
фази на набавката. Прво, буџетските корисници и единките корисници мора до
Министерството за финансии да поднесат барање за добивање на потврда за
обезбедени финансиски средства и согласност за пристапување кон склучување
договор. Информациите за крајните резултати на тендерот се обезбедуваат преку
испраќање писмено известување до најповолниот понудувач, известувања до другите
понудувачи и објавување на известувањето во медиумите каде бил објавен огласот.
Крајниот договор со избраниот понудувач треба да се потпише во рок од седум дена
по истекувањето на рокот за жалби. Сите извршени процедури се евидентираат во
Регистерот за јавни набавки.
Важен предуслов за успешна набавка е соодветно управување со договорот.
Договорниот орган, за секој значаен договор, треба да назначи лице кое ќе ја
следи реализацијата на договорот. Ова лице е одговорно за управување на односот
со изведувачот, вклучувајќи ги тука и дополнувањата и измените на договорот,
мониторинг на испораката, плаќањата и можните спорови. При исполнувањето на
договорот, лицето има обврска да провери дали сите потребни делови биле
остварени.
Ревизијата на начинот на спроведување на набавката и нејзините резултати се
реализира врз основа на постојното законодавство за контрола и за ревизија од
страна на внатрешни и надворешни органи.
Постапки за набавка
Предметот на набавка може да опфаќа купување стоки, услуги и работи. Од гледна
точка на постапките, се користат следните видови постапки за јавни набавки:
отворен повик за поднесување понуди, ограничен повик за поднесување понуди,
постапка со преговарање, конкурс за изработка на проект или ограничен повик за
консултантски услуги.
Набавка на услуги и работи: услугите се карактеризираат со неколку важни и
специфични својства; скоро секоја услуга има посебно својство. Поради ова,
набавката на услуги се концентрира повеќе на гаранциите за квалитет отколку на
најниската цена. Работите имаат сложени карактеристики и за нив требаат искусни
службеници за јавни набавки. Обично првиот чекор е добивање на проектот.
Управувањето со договорот и изведбата на работите е долг и сложен процес.
Набавка преку ограничен повик: специфична карктеристика на ограничениот повик е
„претквалификацијата”. Во текот на оваа фаза, договорниот орган избира кандидати
кои се квалификувани врз основа на претходно објавени критериуми. Следните
чекори се скоро исти како и во отворениот повик.
Набавка преку постапка со преговарање: набавката преку постапка со преговарање
претставува исклучителна постапка која се применува само во ограничени случаи,
дефинирани со закон, и по добивање согласност од страна на Бирото за јавни
набавки со која се потврдува формалната исполнетост на условите за примена на
истата.
Набавка преку конкурс за изработка на проект и ограничен повик за консултантски
услуги: постапката за конкурс за изработка на проект се спроведува во случаи на
набавки на проект или план во областа на просторното и урбано планирање,
архитектурата, градежништвото и обработката на податоци. Ограничениот повик за
консултантски услуги се однесува на набавка на интелектуални услуги.
|